| Историјат |
|
Во 1978 година покрената е иницијатива за формирање на Институтот за литература, од Слободан Мицковиќ, Душко Наневски и Данило Коцевски. Иницијативата е доставена до Републичкиот секретаријат за култура, преку кој се водела постапката за формирање на Институот. Особен придонес во формирањето на Институтот има проф. д-р Георги Сталев, тогашен републички секретар во Републичкиот секретаријат за култура (во денешно значење министер) и професор на Филолошкиот факултет. Иницијативата е подржана од Катедрата за историја на книжевностите на народите на СФРЈ и Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет. Катедрата за историја на книжевностите на народите на СФРЈ за изготвување проект за формирање на Институтот за литература, формирала Комисија во состав: д-р Кирил Пенушлиски, д-р Александар Спасов и д-р Томе Саздов. Проектот е усвоен на седница на Катедрата на 4 јуни 1979 година и препратен до органите на Факултетот. Основање Потребата од проучување на македонската литература на организиран и институционален начин ја роди идејата за формирање Институт за македонска литература. Самостојна научна установа од национален интерес Институтот за македонска литература во Скопје е основан како јавна научна установа со Одлука на Владата на Република Македонија бр. 23 –158/1 од 26 јануари 1998 година ("Сл. весник на Република Македонија" бр.6/98). Осамостојување е резултат на постигнувањата на Институтот како организациона единица на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" во Скопје и пред сè на исполнетите услови за оформување кадровска структура. Со првата Програма за работа на Институтот се дефинираат неговите развојни перспективи како самостојна научна установа од јавен интерес. Јавен интерес во научноистражувачката дејност на Институтот претставуваат научните истражувања на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ и припадниците на заедниците, кои живеат во Република Македонија. Со Одлука на Универзитетскиот сенат од 25 февруари 1999 година, Институтот е членка на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. |










