НАУЧНОИСТРАЖУВАЧКА ДЕЈНОСТ, ОДДЕЛЕНИЈА


Институтот за македонска литература остварува научно-истражувачка дејност во областа на историскиот развој на македонската литература, современите книжевни процеси, нејзините врски и влијанија со другите литератури и науката за литературата.
Дејноста на Институтот за македонска литература во Скопје се остварува согласно Законот за научно-истражувачката дејност ("Сл. весник на Република Македонија" бр.13/96 и 29/02). Согласно овој закон дејноста на Институтот е од посебен јавен интерес затоа што опфаќа научни истражувања од областа на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ и припадниците на заедниците, кои живеат во Република Македонија.
Научно-истражувачката дејност на Институтот се одвива преку работа на 8 одделенија:
Одделение за средновековна македонска литература;
Одделение за македонска народна литература;
Одделение за македонска литература во XIX век;
Одделение за македонска литература во XX век;
Одделение за македонско-балкански книжевно-историски врски;
Одделение за литературите на националностите во Македонија;
Одделение за теорија на литературата и компаративната книжевност;
Одделение за помошно научни дејности - библиографија, документација, библиотека и информатика

Одделението за средновековна македонска литература
го проучува македонското ракописно наследство од книжевно-историски, текстолошки, палеографски, компаративен апект во периодот од 9 до 18 век. Во рамките на проектите се проследуваат жанровските облици и пројави на ракописното наследство продуцирано на теренот на Македонија, скрипторските центри, творците на македонската средновековна литература, библиските книги со македонска провениенција, врските со византиската и со другите словенски и балкански литератури во средновековниот период.
Раководител: д-р Илија Велев, научен советник
Член: д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, виш научен соработник
(горе)

Одделението за македонска народна литература
ја истражува македонската народна литература од сите аспекти и од сите жанрови. Посебно внимание му посветува на истражувањето на историјата на фолклорот, потоа на мотивите, на поетиката на фолклорот, а особено на релацијата фолклор - литература. Со оглед на фактот што македонската уметничка литература своите темели ги гради врз народното творештво, особено внимание се посветува на релациите со писателите од преродбата (Миладиновци, Џинот, Жинзифов и др.) и со современите македонски писатели (Б. Конески, П. М. Андреевски, Ж. Чинго и др.)
Раководител: д-р Марко Китевски, научен советник
Членови: д-р Ленка Татаровска, научен советник, м-р Ана Мартиноска, асистент-истражувач
(горе)

Одделение за македонска литература во XIX век
ги проследува, толкува и вреднува книжевните пројави и резултати на сите генерации творци во овој период, појавата на весниците, списанијата и книгите, библиотекарството и отворањето на борбата за создавање на македонски литературен јазик. Низ системот на просветителството, како едно од клучните прашања и на општествениот и на културниот развиток, се одразуваат целите и задачите во реализирање на виталните егзистенцијални проблеми: државата, власта, црквата, верата, воспитувањето, етиката итн. Оттука, македонските автори на 19 век се проследуваат како воини со оружје и со пишан збор. Иако припаѓаат на најпротивречното македонско книжевно поглавје тие се најуверлива потврда на неговата традиција и континуитет.
Раководител: д-р Васил Тоциновски, научен советник
Член: д-р Валентина Миронска-Христовска, научен соработник
(горе)

Одделение за македонска литература во XX век
за предмет на научен интерес ги има развојните процеси, автори и дела кои на овој период му втиснаа особен печат. Вработените во ова одделение истражуваат неколку важни преломни фази во македонската литература: литературата од првите години на векот (особеностите на книжевните појави на преминот меѓу 19 и 20 век), Илинденскиот период, македонската литература меѓу двете светски војни, литературата што се создаваше во Народно-ослободителната војна, повоениот период или период на регуларен развој. Предмет на научно расветлување и толкување се и особеностите од жанровски аспект (во поезијата, прозата, драмата, критиката), како и прашања што произлегуваат од мотивско-тематските и стилските карактеристики на делата создавани во различните фази (обусловени и од различните општествени констелации) од развојот на македонската литература во текот на ХХ век.
Раководител: д-р Веле Смилевски, научен советник
Членови: д-р Јованка Стојановска-Друговац, научен советник, д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, виш научен соработник, д-р Мишел Павловски, научен соработник
(горе)

Одделението за македонско-балкански книжевно-историски врски
се занимава со проучување и следење на контактите, преплетувањата, односите меѓу македонската литература и другите балкански литератури. Приоритетен предмет на истражување претставуваат допирните точки и проникнувања помеѓу балканските литератури на типолошки, книжевно-историски и идеен план, аспектите на културниот плурализам во минатото, интеркултурните и интерлитерарните врски во постарите, но и во поновите книжевно-историски епохи.
Раководител: д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, виш научен соработник (горе)

Одделението за литературите на националностите во Македонија
за основна преокупација ја има теоријата и естетиката на литературата на припадниците на заедниците во Република Македонија, додека како жанр е истражуван романот (Луан Старова, Мурат Исаку и Исмаил Кадаре). Во рамките на научноистражувачката дејност на Одделението, особено внимание се посветува на компаративната научноистражувачка прагматика меѓу македонската и албанската книжевност.
Раководител: д-р Африм Реџепи, научен соработник (горе)

Одделението за теорија на литературата и компаративна книжевност
ги проследува културолошките аспекти на другоста коишто се пројавуваат во книжевната комуникација. Културолошката претпоставка на истражувањата овозможува разновидни приоди во промислувањето на македонската литература во контекстот или наспрема другите литератури. Поимот на другоста воедно овозможува интрасистемско проследување на аспектите на другоста и во контекстот на самата македонска литература (родовите, етничките, идеолошките и други).
Раководител: д-р Александар Прокопиев, научен советник
Членови: д-р Соња Стојменска-Елзесер, виш научен соработник, д-р Наташа Аврамовска, научен соработник
(горе)

Одделение за библиографија, документација, библиотека и информатика
претставува основен предуслов за работата и развојот на Институтот. Книжниот фонд на библиотеката изнесува повеќе од 5.000 книги, купени или набавени по пат на размена и подароци. Има и засебни фондови од научна периодика, енцикопедиски изданија, библиографски билтени, микрофилмска збирка, стари печатени книги, предметни картотеки и сл. Целокупниот библиотечен фонд стручно е евидентиран и катологизиран според актуелната методологија и стои на располагање за научноистражувачката дејност на вработените и соработниците на Институтот.
Раководител: д-р Илија Велев, научен советник (горе)

® Институт за македонска литература - Скопје